Во одредени основни и средни училишта веќе подолг период се спроведуваат дел од препораките кои Владата ги објави вчера за зголемена безбедност во училиштата и спречување насилство меѓу врсниците. Психолозите велат дека за строго спроведување на сите препораки, училиштата со повеќе ученици имаат потреба од повеќе психолози, во спротивно еден психолог мора да работи по 16 часа дневно.

„Психолог, како што е нашиот случај, така и во нашето училиште, не може да се носи со 824 ученици, да помогне околу нивните проблеми кои се појавуваат на училиштето или надвор. За време на часовите не е дозволено користење на мобилни телефони, нема конкретни прописи за целосна забрана на нивната употреба. Јас сум за оваа забрана бидејќи тоа ќе поттикне дебата, ќе го поттикне интерес кај учениците“, вели Блерим Небиу, психолог.

Од Град Скопје не добивме одговор дали ќе спроведат дополнителни програми за превенција од насилство во училиштата. Од општина Чаир соопштија дека подготвуваат стратегија.

„Треба да ги преедуцираме учениците, да направиме неколку модули, конкретно што е булинг, како да се спречи, како да се справиме со него, каде да го презентираме и слично. На овој начин ќе ја подигнеме свеста за учениците да имаат здрава и ненасилна младина“, рече Фари Исени, портпарол на општина Чаир.

Од УНИЦЕФ соопштија дека проблемите се провлекуваат уште од времето на пандемијата, кога имало знаци дека може да се појават случаи на насилство слично на оние во Србија.

„Младите луѓе веќе долго време, особено во периодот на пандемијата, ни кажуваат дека не се чувствуваат добро, дека имаат проблеми со менталното здравје. Сепак, разговорите за менталното здравје сè уште се поврзани со голема стигма“, вели Патрисија Диџовани, УНИЦЕФ.

Десетте препораки кои беа одобрени од Владата се веќе доставени до училиштата за зголемување на безбедноста. Се препорачува сите општини да формираат стручни тимови чиј фокус ќе биде разговорот со секое дете во секое училиште. Исто така, се препорачува сите основни и средни училишта да одржат средби со сите родителите за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и условите во училиштата и нивната околина.