Пишува: БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ

Барам причина да се почувствувам изненаден и шокиран од изјавата на владиката Петар но не ми успева. Таа изјава ми делува како еден сосема логичен слет на низа од настани и собитија кои го обликуваат овој наш систем веќе 30 години. Нема тука ништо ново. Владиката само ја овери од својата клерикална позиција реалноста која сами ја создаваме. Реалност полна со лицемериве и демагогија која ни е некаква илузија за конформна зона во која чучиме само поради немоќта да создадеме нови вредности кои би приличеле на времето кое го живееме. Тоа сознание тлее во секој од нас и се потиснува се поагресивно до степен кој генерира фрустрации со експлозивен потенцијал.

Што да се очекува од Петар во општество во кое вестите ни започнуваат со “ударната” вест стара 2023 години дека Христос Воскреснал или трката на Пи Ар службите на политичарите кои се натпреваруваат кој ќе срочи попатетична велигденска порака исплакната од било каква реална содржина која би требала да одговори на предизвикот на времето кое го живееме. Верата, религиите и политиката во својата суштина се создадени токму од општествана потреба да дадат одговор на прашањата и дилемите со кои се соочува денешницата а не да создаваат конфузија со анахронизми и атавизми кои потоа создаваат стада на хипокризијата – верници кои потребата од вера ја задоволуваат со суеверие а потребата за политичко дејствување со припадност на групи во кои единствена кохезивна сила се клиентелизмот и опортунизмот. Петар е само штраф во еден голем дегенеративен систем кој самите го создаваме.

Папата од Ватикан се почесто истапува јавно со афирмација на теми кои само до пред него беа табуа во католичкото општество. Папата денеска зборува за сексот, за потребата од почитување и негување на различностите за потребата од еднаквост и недискриминација на припадниците на ЛГБТ заедницата, за корупцијата како зло… Ватикан јасно ја увиде кризата на црквата како институција која почна да претставува се поретрограден фактор во тие општества. Во таква позиција се затекнаа како резултата на активизмот и динамичноста на граѓанскиот активизам во западните развиени демократии кои работаат на генерирање на нови вредности кои ги унапредуваат општествата со зголемувањето на степенот на правата и слободите, еманципацијата на со векови дискриминираните општествени групи, отеченост и транспарентност , солидарност и правда. Тие и такви општества се потпираат на образовни системи кои продуцираат нови генерации кои немаат намера да слушаат а уште помалку да почитуваат некој поп или било кој друг во свештена облека кој мртов ладен навредува огромен дел од популацијата. Тоа е причината зошто Папата реши да го сврти радикално курсот на Ватикан со цел да задржи колку толку од драматично нарушениот кредибилитет на католичката црква. Ватикан се бори да си ги поврати верниците под својот чадор.

А зошто тоа би го правел Петар? Кога имаме образовен систем кој тешко препознава цивилизациски вредности. Децата се помасовно се однесуваат без тронка почит кон постарите, мажите во огромен број на жените им влепуваат шамари ‘онака преветивно” што би рекол еден корифеј на оваа дегенерација, алчноста е главна премиса на многумина ‘успешни” бизнисмени без тронка општествена одговорност, корупцијата е стил на живот, клиентелизмот формула за успех, покорната послушност се смета за некаков модус вивенди, крстови и икони по куќите и во возилата се дозвола да се прави се што е спротивно на законот …..Сите тие заедно до еден ќе бидат пресреќни доколку овој ист Петар им го крштева детето или ќе даде Амин за одржување на тој дегенеративен систем во кој тонеме од ден на ден се подлабоко со некаква илузија дека ќе ни се случи Деус екс макина која ќе не спаси од нас самите. Нема ништо од тоа а најжалосно е што првата прилика на следниот верски празник стотици жени, кои владиката Петар , ги плукна в лице со неговата изјава, ќе застанат во ред за да стигнат да ја бацат неговата рака како завет дека ќе останат до гроба верни на сопствената несреќа. Бог не е таков циник. За Бога, ако под тој термин сите подразбираме некаков идеал, богохулие е корупцијата, алчноста, отсуството на елементарна емпатија, демагогијата, манипулациите, говорот на омразата, општествената неодговорност….Тоа е богохулие а не правата не жените и нивната еманципација.

Превземено од Новатв.мк