Илјадниците работници кои беа отпуштени од работа поради пандемијата, власта најавува дека ќе ги врати на работа. Од владата признаваат дека нема да биде лесно, но уверуваат дека Оперативниот план за вработување има капацитет да обезбеди плата и за овие лица. За оваа намена од државната каса биле предвидени 25 милиони евра.

Advertisements

„Оперативниот план за вработување за 2021 година, кој е во вредност од близу 25 милиони евра или 4 милиони повеќе од претходната година во своите програми ќе ги опфати сите оние кои за жал во оваа светска криза ги изгубија своите работни места. Тоа се 25 милиони евра за нивно брзо враќање на пазарот на труд“, велат од Владата.

Бизнисмените засега се скептични дека владините мерки ќе придонесат за брза стабилизација на стопанството. Според ССК состојбата на терен покажува дека деловната активност се уште е во фаза на стагнација, односно на пазарот не се создадени услови за враќање на бизнисите на ниво на кое беа пред кризата, ниту пак, има услови за нивно проширување.

„Иднината е сѐ уште неизвесна, а деловното окружување нестабилно. По сузбивањето на здравствената криза, олеснувањето на рестриктивните мерки и проширувањето на опфатот со имунизација ќе може да се разгледуваат и дискутираат најдобри решенија кои ќе може да придонесат за отворање на нови работни места“, велат од Сојуз на стопански комори.

Според официјалните податоци заклучно со март годинава бројот на невработени лица изнесува над 154 илјади граѓани, што во однос на истиот месец лани е зголемување за над 37.500 лица кои што останале без работа. Тогаш бројот на невработени беше над 100 илјади невработени лица.

Иле Петревски