Владата на Северна Македонија на вчерашната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.
Покрај оваа одлука, од Владата соопштија и дека бил утврден и текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој доаѓа од потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.
„При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес“, соопштија од Владата.
Владините служби соопштија дека била усвоена и информацијата за формирање регионални центри за Ковид-19 вакцинација и го задолжиле Министерството за здравство, во соработка со Министерството за образование и наука и општините Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на пунктовите по примерот на пунктот организиран во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.