Владата тврди дека државата има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, граѓаните да бидат смирени не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Владата и државните институции ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.
Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто.
Апелираме трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, бидејќи од оваа одлука нема никој да загуби.
Граѓаните да бидат сигурни и во најавите на Централната банка која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане. Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза.
Владата е во редовна комуникација со сите релевантни општествени чинители, како и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално доколку има потреба да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата, стои во соопштението од Владата .