Собранието веќе усвои резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија. Гоце Делчев воопшто не е предмет на преговори и Владата смета дека е непотребно донесување ваква декларација, е ставот на Владата за МИА во однос на декларацијата за Гоце Делчев што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе минатата седмица во Парламентот.
– Многу е важно сите политички и општествени чинители да се воздржат од дневно-политичко поентирање и профитирање врз грбот, ликот и делото на нашиот великан Делчев. Апелираме Делчев да го чествуваме и славиме одговорно и достоинствено. Не смее да се злоупотребува големиот Делчев за создавање конфликти и нетрпеливости, било да е тоа дома или пак надвор од нашите граници. Имаме обврска да сме внимателни, посветени и достоинствени во јавните комуникации кога е Делчев во прашање бидејќи тој токму тоа најмногу го заслужува, посочуваат од Владата за МИА.
Оттаму наведуваат оти е отворена поканата до опозицијата да се вклучи на конструктивен начин во процесите кои се од врвен интерес за евроинтеграциската иднина на Северна Македонија.
– Сметаме дека вистинскиот пат кон решение на отворените прашања е преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи, истакнуваат од Владата.