Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека е постигната историски највисока цена на откупна цена на тутун по килограм од 400 денари.

-Работевме заедно со тутунопроизводителите, тутунарите, откупувачите и дојдовме до овој историски момент би рекол. Само за да биде појасно дека тутунарите кон крајот на првиот квартал секој година потпишуваат договори со откупувачите за тутунот за откупот и цената и таа за годинава беше 375 денари по килограм прва класа. Но, бидејќи реколтата е некаде 17 милиони килограми со исклучително добар квалитет имавме разговори во кои дојдовме до посакуваната цена од 400 денари по килограм, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на поставувањето камен-темелник на доградба на детска градинка „Кокичиња“ во село Таринци во Општина Карбинци.

Тој додаде дека потоа во рамки на неговите редовни активности имал состанок со речиси сите откупувачи со кои, како што рече, разговарале и преговарале и оти денеска може да каже дека најголемите откупувачи веќе ја објавиле цената за откуп од 400 денари по килограм.

-Она што е охрабрувачки е што целата реколта се откупува како прва класа и се откупува по 400 денери. Исто така, може да кажам дека како Влада донесовме одлука за зголемување на субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, што значи дека заедно со откупната цена и субвенциите секој тутунар ќе добие по 500 денари за килограм тутун, рече премиерот.

Според него, пресметките говорат дека само оваа година над 140 милиони евра ќе завршат во рацете на тутунарите. Потсети дека претходно биле објавени и детани за отку на оризот и потенцира дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на земјоделците во земјава.