Итно и вонредно прашање. Вака Владата ги оцени сомнежите кои се појавија по истражувањето на ИРЛ – дека во нашата земја се увезуваат токсични нафтени деривати опасни за здравјето и животната средина. Во објавата на ИРЛ пишува дека при увозот влегувале како мазут, а се користеле за греење во повеќе државни институции и приватни компании.
Владата го задолжи Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и со помош на акредитираната мобилна лабораторија, да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
И Инспекторат за животна средина треба да направи вонредна контрола во компаниите увозници и корисници на мазут. Министерството за економија, пак, треба да провери – што точно се испитува при увозот на дериватите во земјава и дали се согласно европските стандарди. Сето ова треба да се направи во рок од две недели.
Од опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива велат дека Владата свесно и со цел лична придобивка, веќе три години ги труе граѓаните.
Од коалицијата бараат Обвинителството да преземе мерки со цел идентификување на виновниците. Вчера со реакција излезе и ВМРО-ДПМНЕ. Од таму ја прашуваат Владата кој ќе сноси одговорност за скандалот, дали самата Влада е вмешана во увозот на токсичните масла и зошто молчела досега во врска со ова прашање?