Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.

Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.

Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.

„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.

Факти што, според Мицкоски, не смеат да се игнорираат:

-Во 2024 година, се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;

-Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители- како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;

-Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;

-Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;

-Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.

„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.

„Оваа Влада не го премолчува проблемот“

Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.

„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови.“

Се размислува за дополнителни даноци за немажени и неженети

Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.

„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и неженети“, додаде тој.

Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди.“

„Време е за  држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“

„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце.“

На крајот го цитираше филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме.“

Текстот Владата размислува да ги оданочува немажените и неженетите, рече Мицкоски е превземен од МАКФАКС.