Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека Владата на денешната седница на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија донесе одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија со траење од 30 дена.
-На 30ти октомври Владата донесе уредба за критериумите, условите и мерките што се преземаат за прогласување кризна состојба со снабдувањето со електрична енергија. Кризната состојба е настаната поради временските и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, рече Бектеши.
Бектеши информираше дека поради оваа причина операторот на преносниот систем МЕПСО АД изготвил извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електро-енергетски систем за последниот квартал на оваа година.
-Според доставениот извештај се процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електричната енергија. Ваквата проценка на ризици се темели на неколку основи: заради капацитетите на домашното производство но и заради зголемените цени во странските берзи, рече Бектеши.
Бектеши дополни дека како единствена мерка која произлегува од оваа одлука за прогласување на енергетска криза е да се вбризгуваат финансиски средства во енергетските компании се со цела да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија.
-Како влада во моментот сме фокусирани на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза. Повторувам дека донесуваме кризна состојба се со цел да го подобриме работењето на енергетските компании, да се зголеми нивната ликвидност а никако да донесеме рестриктивни мерки што би влијаеле негативно на секојдневниот живот на граѓаните, заврши Бектеши.