Владата повторно ќе ја плати сметката за недомаќинското работење на градоначалниците. Пред пратениците е новиот закон кој предвидува отпишување на долговите кои што ги направиле општинските јавни претпријатија до 2017 година. Според Предлог законот, на јавните претптијатија кои се основани од општините, како што се комуналните претпријатија, водоводите, за улици, паркинзи и слично, ќе им бидат опростени каматите и репрограмирани долговите кои што ги имаат кон државата и нејзините компании.
„Доверителите по сила на овој Закон се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување на сила на овој Закон. Глоба од 2.500 евра ќе му се изрече на правното лице кое нема да изврши отпис на каматите и репрограмирање на долговите во предидениот рок..“, се наведува во Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови на Јавни претпријатија.
– Advertisement –
Герман Филков, од Центар за граѓански комуникации, невладина која повеќе од 10 години го мониторира процесот на јавни набавки, вели дека во Законот е спорно тоа што нема наведено колку пари од Буџетот ќе се слеат за покривање на овие камати.
„Ако се репрограмира долгот мене ми е логично дека има некоја програма за како тој долг ќе се враќа или само ќе ги репрограмираме за одреден период кога повторно ќе дојде проблемот како акутен и на крајот на краиштата сметам дека со сево ова се негува неодговорноста и неказнивоста на јавните функционери затоа што за овие долгови мора да постои начин, мора да постои некој одговорен и тие соодветно да бидат санкционирани“, вели Филков.
Пред само две години државата им прости на општините 51 отсто од вкупните долгови или им даде 50 милиони евра од Буџетот на државата за да си ги платат долговите. По две години и натаму локалните самоуправи се со големи долгови. Заклучно со септември лани, општините должеле 63,8 милиони евра.
Јавните претпријатија пак, основани од општините имаат долг од 54,3 милиони евра. На оваа листа најголеми должници се ЈП Комуналец Куманово кое должи 7,9 милиони евра и ЈП Водовод Скопје со долг од 6,1 милиони евра. Вкупниот долг кои го должат, општините, министрствата, јавните претпријатија, до септември 2020 достигна 306 милиони евра.
Андреа Чобанова