Владата на Северна Македонија најостро ги демантира и отфрла како невистинити тврдењата на пратеникот Антонио Милошоски дека наводно „премиерот Заев и министерот Спасовски делеле македонски пасоши на терористи од ИСИС“.
Ова е брутална лага која има за цел да ја манипулира јавноста, да попречува случајот да се расчисти до крај и да направи штета на угледот на институциите кои посветено и успешно се справуваат со секаков вид криминал.
Институциите разоткрија случај и сузбија криминална група, чии членови – вработени во управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи преку злоупотреба на туѓ идентитет.
Неколку дена пред да бидат соопштени резултатите од акцијата челниците на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ започнаа да ја саботираат акцијата, а тоа го прават и деновиве и со тоа сериозно и неодговорно се обидуваат да го загрозуваат процесот преку доведување на јавноста во заблуда со лаги.
Владата очекува Обвинителството да расчисти со овие обиди за саботажа.
Остануваме посветени на бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција и во таа насока продолжува и соработката со нашите стратешки партнери.