Владата на денешната седница ја разгледала информацијата од МНР за предлог-преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство и одлучила предлогот да го испрати до Собранието.

„На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието”, соопшти владината прес-служба.

Според информациите од Собранието, таму се уште не го добиле.

Претходно денеска вицепремиерот за политички систем Артан Груби најави дека Владата уште денеска може да го испрати до Собранието францускиот предлог за кревање на бугарското вето и отворање преговори на Македонија со ЕУ, заедно со билатералниот протокол со Бугарија и останатите придружни документи.