Се укинува повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија и се замрзнува цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, одлучи Владата.
Ова го соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што рече Ковачевски, помина доволно време од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки, а дел од прехранбените компании не ги намалија соодветно цените на своите производи. Тоа го утврдиле инспекциските контроли.
Тој напомена дека владините мерки за поддршка не се донесоа за едни да бидат повластени на сметка на други, за некој да се богати, за поединци да имаат бенефит и за да се удри по џебот на граѓаните, туку со единствена цел – да се намалат цените на основните производи и да им се помогне на граѓаните.
Замрзнувањето на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај 2023 година.
-Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат зашто помошта од државата беше навремена и реална. Иако прехранбените компании добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи. Дел ги намалија цените од седум до 12 проценти. Затоа, на денешната владина седница ја укинавме мерката за повластена струја. Производителите на прехранбени производи ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија. Ја замрзнуваме и цената на белиот и полубелиот леб, сечен и на парчиња или цел, на 33 денари, односно цена од 33 денари по леб со тежина од 450 грама и повеќе, а за леб под 450 грама се утврдува цена до 33 денари соодветно на тежината на лебот, истакна Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши напомена дека прехранбените компании од први април веќе нема да добиваат субвенционирана струја.