Цела година владата подготвува, а никако да ја усвои проширената листа на домаќинства кои ќе добиваат државна помош за излез од енергетска сиромаштија. Листата се уште не е готова, сега се воделе јавни дебати на оваа тема, а кога ќе финишира целата расправа, тогаш ќе бидат објавени сите категории граѓани кои ќе добијат помош. Најавуваат дека новата програма за борба против енергетската сиромаштија ќе се усвои во октомври.
„Сега, кога ќе ги направиме сите анализи ќе одлучиме кои категории ќе бидат вклучени следната година. А, дополнително на тоа ќе направиме и план за следните пет години“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Според информациите на Алсат, Министерството за труд и социјална политика имаше задача да ја состави проширената листа на домаќинства на кои им е неопходна финансиска помош. Граѓаните беа оптимисти и очекуваа помош од државата уште лани, но на месец дена до новата грејна сезона, во неизвесност дали ќе се реализира и годинава. Регулаторната комисија за енергетика по чија иницијатива се прави ова проширување, на неколку пати апелираше до властите што поскоро да се зголеми опфатот на граѓани, но тоа не ја забрза процедурата.
„Значи, поентата е државата да покрива одреден дел од трошокот за електрична енергија на ранливите категории на потрошувачи. Тоа ќе биде процес кој за прв пат ќе се прави во нашата држава. Ние треба точно да ги лоцираме од енергетски аспект овие нови ранливи категории на потрошувачи“, рече Марко Бислимовски претседател на регулаторна комисија за енергетика.
Надлежните велат дека институциите имале проблем да ги лоцираат граѓаните кои живееле во социјален ризик. Се обидувале преку броилата на електрична енергија, но најчесто луѓето иако се воделе на таа адреса, таму не живееле. Регулаторот предложи, освен примателите на социјална помош, во програмата да бидат вклучени дополнителни пет категории на граѓани на кои ќе им се помогне во обезбедување на потребната електрична енергија во домот. Со поширокиот список на категории, Регулаторот бара да бидат опфатени домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош, домаќинства во кои нема ниту еден вработен член, граѓани кои не се корисници на постојана социјална парична помош, домаќинства во кои има невработено лице, корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување.
Потоа домаќинства во кои има повеќе од два члена во кои има и дополнително и еден пензионер што добива минимална пензија, домаќинства со повеќе од два члена во кои еден е вработен и тој заработува минимална плата. Домаќинства во кои има невработено лице од први април 2020 година. Информациите од терен се дека дури 25 отсто од домаќинствата во Македонија живеат во енергетска сиромаштија.
Иле Петревски