Министрите од Владата ќе бидат на одмор во периодот од 5 до 15 август. Премиерот Христијан Мицкоски, денес одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандумот за разбирање со турската компанија „Казанџи холдинг АС“ кажа дека Владата ќе биде на одмор во тој период, а по годишните одмори официјално ќе го соопшти начинот на кој владината коалиција ќе настапи на претстојните локални избори.
„Што се однесува до владината коалиција и настапот на следните локални избори разговорите се исклучително конструктивни, се движат во позитивна насока. Очекувам таму некаде, условно кажано, после годишните одмори да имаме и официјално соопштение до јавноста. Очекувам Владата помеѓу петти и 15 август да биде на годишен одмор, тие десетина дена. Анализите во тој период ќе траат, разговорите ќе траат и веднаш после 15 август, еве да речеме втората половина на август месец и тоа да се официјализира“, рече премиерот Мицкоски.
Разговорите за изборите во владината коалиција Мицкоски вели дека се веќе завршени, а сега се прават анализи за идни потенцијални коалициски партнери. Извесно е дека владините коалиционери ќе имаат свои советнички листи во сите, ќе се поддржуваат во делот на градоначалниците/ Макфакс