Мандатарот Димитар Ковачевски вчера ја достави владината предлог-програма до Собранието. Во неа има дел кој се однесува на поседувањето и тргувањето со криптовалути, пишува Фокус.

Тие досега не беа забранети во Македонија, но нема закон со кој се регулира нивната употреба. Идната влада планира да донесе закон за нивна регулирација, со кој ќе се воведе и оданочување.

Според неа, ќе се носи законско решение кое Владата и Министерството за финансии ќе го изработат во соработка со Народната банка и во консултација со комерцијалните банки во државата, а ќе бидат консултирани и релевантни експерти на оваа тема.

Формалното решение ќе ги следи регулативите и препораките на Европската Унија за регулирање на пазарот на крипто средствата. Во овој контекст ќе се воведуваат и решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари и намалување на неформалната
економија.