Во врска со проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, Владата на денешната седница донесе заклучоци со кои се задолжуваат Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности.
Како што соопштија владините служби, се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата“.
Текстот Владата го задолжи МВР во соработка со ДКИ, ДИЖС, ДСЗИ и ИЈЗ веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и ЈП Комунална хигиена е превземен од МАКФАКС.