Владата на денешната 102 седница го разгледа Извештајот на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање.

Како што соопшти владината Прес-служба, на седницата беа образложени активностите коишто се спроведени од страна на М-НАВ во однос на процесот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање согласно јавниот оглас.

– Од страна на претставниците на М-НАВ АД Скопје беше информирано дека постапката е реализирана согласно законски утврдени процедури, дека селектираните кандидати, кои се и вработени во М-НАВ АД Скопје, имаат положено селекциски тестови според меѓународни стандарди, а за нивната професионална стручност зборува и фактот што по положените тестови, може да конкурираат за работа и во која било друга странска држава, се наведува во соопштението.

До Владата биле доставени и информации за утврдување на потреба за регрутирање и селекција на кандидатите, при што е посочено дека е согласно Годишниот план за работа на М-НАВ АД Скопје и Планот за јавни набавки на М-НАВ за 2022 година, како и за спроведувањето на јавната набавка и склучениот договор со економскиот оператор „GATE Aviation Training APS“ од Данска, за селекција, почетна обука и обука за ADI TWR рејтинг за осум кандидати за контролори за летање.

– Беше објаснето дека регрутацијата и селекцијата на кандидати за контролори на летање е реализирана согласно донесениот Акционен план, со цел, како што беше објаснето, овозможување на сите инволвирани поедноставно следење на временските рамки на процесите поврзани со регрутација и селекција на кандидати за контролори на летање, се додава во соопштението.

На седницата се доставени и информации околу објавувањето јавен оглас и селекцијата на кандидати за контролори на летање, за што бил изготвен временски план и била спроведена селекција во соработка со ангажираниот економскиот оператор од Данска, со доставување предлог ранг листа на најуспешни кандидати, околу тестот за претселекција и тестирањето со FEAST тестот (First European Air Traffic Controller Selection Test), пришто FEAST II тестот и потоа FEAST III тестот го положиле тринаесетмина кандидати.

– Од нив, како што е информирано, за осумтемина кои се стекнале и со лекарско уверение, биле дадени насоки за вработување и нивно упатување на школување, се наведува во соопштението од владината седница.