Владата го објави сценариото за прославата на 30-години независност во среда на 8-ми септември. Поради пандемијата со коронавирусот, како што велат, бројот на граѓани кои ќе можат да присуствуваат на прославата ќе биде ограничен. Оние кои сакаат да присуствуваат ќе мора да се пријават, но и ќе мора да прикажат сертификат за вакцинација.
Деталите подолу во текстот објавен од владата.
Ни претставува чест и задоволство да ве поканиме на централната манифестација „30 години независност“ по повод јубилејот, 8 Септември – Денот на независноста, која ќе се одржи на 8 септември 2021 година (среда) во 17 часот пред Собранието на Република Северна Македонија.
Сценариото за настанот може да го најдете ТУКА.
Настанот е со ограничен број публика поради пандемијата и здравствените протоколи кои ни попречија многу моменти на заедничко прославување.
Сите присутни треба да поседуваат вакцинален сертификат или потврда за прележаност на коронавирусот.
За да овозможиме безбеден настан од здравствен аспект, за сите гости е предвидено место за седење со соодветно растојание, а движење за време на настанот не е препорачано, за да не се нарушат здравствените протоколи.
Влез на настанот е овозможен само за граѓаните кои ќе се регистрираат на следниот ЛИНК.
Бројот на седишта е ограничен, а регистрацијата ќе биде затворена во моментот кога ќе се исполни бројот на слободни места.
Регистрираните граѓани ќе добијат повратна логистичка информација околу позицијата на местото за седење и линк кој води до мапа на којашто е претставен влезот од кој се пристапува до местото за седење.
Центарот на Скопје (голем ринг) ќе биде затворен за сообраќај поради што апелираме граѓаните кои ќе се регистрираат за присуство да пристигнат пред Собранието без моторни возила.
Граѓаните коишто сакаат да го следат настанот, а нема да имаат можност да присуствуваат, ќе можат да гледаат директен пренос на првиот канал на Националната радио-телевизија или преку видео стрим на линкот: https://youtu.be/E–DEfh1uIE.