Одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата, донесе Владата. Одлуката за замрзнување на цените ќе важи до 31 јануари 2022 година, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
Претходно владата ги замрзна цените на лебот, брашното, месото, шеќерот, зејтинот, млекото, како и на сувомеснатите производи, сирењето и урдата.
Цените се замрзнуваат на нивото на кое биле овие продукти на 1 декември годинава во трговијата на мало и на големо.
Бектеши на својот Фејсбук профил напиша дека оваа одлука е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението.
Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.