Владата вечерва упати апел до пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од тој деструктивен начин на дејствување, бидејќи со тоа носат сериозни штети за граѓаните и за државата.
– Блокирани се дел од мерките од четвртиот и петтиот пакет за кои се неопходни законски измени за да се реализираат решенијата за одржливост на економијата, за спас на работните места и спроведување на грижата за никој да не биде изоставен. Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни до сега се насочени околу 1 милијарда и 300 милиони евра кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација, се наведува во соопштението на владината Прес-служба.
Владата нагласува дека опозициските пратеници треба да прифатат дека станува збор за исклучително чувствителен момент и дека имаат одговорност пред граѓаните да се надмине оваа ситуација со деблокада на собранискиот процес и Собранието час поскоро да ги усвои законските измени за да се стават во функција мерките од антиковид пакетите, кои се од исклучително значење за граѓаните и за стопанството.
– Во иста ситуацијата се ставени и други законски решенија со блокади од стотици или илјадници амандмани како што се Законот за административни службеници, Законот за високо образование, Законот за внатрешни работи, Законот за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство и Законот за јавен интерес во културата, Законот за Клинички центар. Владата на Република Северна Македонија апелира собраниската говорница да биде место за дебати, идеи и конструктивни амандмани за најдобри законски решенија во интерес на народот и државата, се потенцира во соопштението.