Македонската влада ги осуди сите изјави на претставниците на бугарската влада, кои имаат за цел да испровоцираат непријателски реакции во јавноста.

„Секој јавен настап, без оглед од која страна доаѓа, треба да биде во функција на решенија, а не во функција на провокации“, вели владата за Канал 5 во врска со наводите на министерката за навдоршни работи на Бугарија, Захариева, за воведување на српскиот јазик во училиштата.

Владата повикува во духот на конструктивноста, секогаш да се комуницира со внимателен и достоен дипломатски наратив, но секогаш ќе го брани достоинството и правото на идентитетско самоопределување на македонскиот народ.

„Повеќепати премиерот Заев и Владата апелираа до официјалните претставници вклучени во процесот на разговори меѓу Македонија и Бугарија, но и до медиумите да се внимава на изјавите, зашто може да повредат и да предизвикаат говор на омраза“, предупредува владата.