Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира информациите дека Арбен Таравари ја напушта коалицијата „Вреди“. Прашан од новинарите и дали доколку се случи тоа од „Вреди“ ќе побара од премиерот да го тргне од Владата, Мицкоски рече дека би се воздржал од било какви коментари.

Тој во продолжение на одговорот рече дека Владата функционира обединето и единствено, и 78 пратеници ја поддржуваат, така што треба да се остави да работи како што е досега.

Таравари во изјава за медиумите во вторникот ја повтори оценката дека коалицијата функционира недоволно синхронизирано и дека очекува тоа да се поправи. Партиите од „Вреди“ имаат различни позиции во однос на тоа дали на претстојните локални избори треба да настапат на една листа, или пак со посебни советнички листи. Дополнително, Демократско движење, Беса и Алтернатива се оградија од Таравари во однос на контактите со лидерот од ДУИ, Али Ахмети.

Партијата на Таравари за денеска закажа состанок на партиското Собрание.