Владата предложи мерки за ублажување на ценовниот шок на храната и енергенсите предизвикан од руско-украинската криза.
Во пакетот од 26 мерки предвидено е ДДВ-то за основните продукти да се укине, маржите да се замрзнат, а 35 илјади најранливи категории граѓани да добијат по 3 илјади денари ваучер за пазарање.
Владата ја одобри и методологијата со која цените на горивата би се менувале на дневно ниво, а ќе се пролонгира воведувањето на еколошката такса од 3,5 денари – закон кој е во собраниска процедура. Предлага ДДВ-то за горивата од 18 да се намали на 10%, а акцизата да се намалува врз основа на берзанските цени.
Пакетот мерки, според Ковачевски, тежи 400 милиони евра, од кој 90 милиони се откажување од приходи, а 310 милиони се директни фискални расходи. За да стапат на сила мерките треба да добијат и зелено светло од народните избраници.
Ковачевски уверува стоковите резерви се полни и простор за паника нема, буџетот е ликвиден, а денарот стабилен. Сепак цените на храната и енергенсите ќе продолжат да растат, па упати апел за штедење до граѓаните, но и до државните институции.