Владата на денешната седница ја усвои Предлог – програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година со која, по ребалансот на буџетот, средствата се зголемуваат на 2,6 милијарди денари и со нив ќе се врши исплата на сите заостанати обврски кон земјоделците, а почнува и авансната исплата на субвенциите во висина од 30 отсто од вкупната вредност. Авансната исплата од оваа година прв пат ќе се изврши за овоштарите додека од следната 2023 година авансна исплата на субвенциите ќе се врши за сите директни плаќања кон земјоделците.

Како што соопшти владината прес-служба, усвоена е и измената на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година со која ќе се овозможи реализирање на сите поднесени апликации по мерката „Поддршка на активен женски член во земјоделско домаќинство“, како и на апликациите за мерката „Набавка на силоси“.

– Со измената на Програмата се создава основ за авансна исплата од 40 отсто на грантот за поддршка на млад земјоделец од 20.000 евра со новиот јавен повик од 2022 година, врз основа на донесената измена на законот за земјоделство и рурален развој. Во Програмата за Рурален развој се зголемуваат и средствата кај мерката 211 со 100 милиони денари, за реализација и поддршка на меѓународни саеми и саемски манифестации на кои учествува Република Северна Македонија со национални штандови за промоција на македонските земјоделски производи, вино и преработка од земјоделски производи и тоа учество на саемот „Агра“ во Горна Радгоња во Република Словенија, саемот „Open Balkan Wine & Fair“ кој е дел од иницијативата Отворен Балкан и саемот „Тера Мадре“ во Торино каде заедно со економско-социјалниот партнер Слоу Фуд Македонија ќе бидат презентирани македонските традиционални производи, информира Владата.

На седницата е усвоена и измената на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2022 година. Со ова се врши промена на рокот за подмерките 1.18 за оризова арпа предадена во регистрирани капацитети за откуп и преработка и подмерката 1.19 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи. Со измената, рокот за аплицирање по овие две мерки е до продолжен до 31 август 2022 година.