При набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес, велат од Владата.
„Владата при набавка на авторски дела, како на пример набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигура дека добавувачот, заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е испочитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки.
Владата работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор.
Затоа, ги повикуваме надлежните институции, вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес“, стои во соопштението на Владата на РС Македонија.