Владимир Перев
Христијан Мицкоски релативно лесно ја формира новата македонска влада. Впрочем, сериозни проблеми околу формирањето на било која македонска влада никогаш и немало. Секогаш се, горе-долу, истите играчи, секогаш се во игра и истите националистички пароли, безразлично дали се работи за екскомунистите од СДСМ или за оние од ДПМНЕ кои наследија славни традиции на една борбена, револуционерна и со идеали на државотворност Организација, чие наследство го расточуваат врз основа на потребите на дневната политика. Секогаш се во предимство оние со лични интереси. Тоа е нашата поука од блиското минато.
Кулоарските озборувања се страшна работа, ама во нив секогаш има доза на вистина. За некои од новопоставените министри во владата се говори дека ја немаат наклонетоста на Европа и САД, односно наклонетоста на нашите партнери. Неиздавањето Сертификат за доверливост и достап до докумените на НАТО и ЕУ, говорат за големата разединетост меѓу западната вербална поддршка на Владата, и општото поинакво мислење за некои од членовите на овој наш политички конгломерат. Наместо да стивне, недоверието кон структурите на македонската држава и кон носителите на некои од функциите, стануваат како малигно ткиво во државниот организам, рак кој нѐ нагризува како општество.
Министерствата сѐуште ја немаат дефинирано својата работа и ги немаат посочено примарните цели. Во градежништво, не е најважен случајот со “Бехтел и Енка“ и патот кон Охрид или Прилеп. Најважното е дека немаме железопатна линија кон Солун и Атина. Пругата е во прекин долго време, нема навестувања дека ќе биде оправена и пуштена во функција…колку да се знае, построена е во “пусто турско“ и од тогаш до денес никогаш не била во прекид. Дури и еден Тодор Александров во акцијата “Удово-Валандово“, и покрај сите дадени српски и бугарско/македонски жртви, не успаел да ја прекине повеќе од неколку дена. Денес Македонија е заобиколена од линијата Грција-Европа, преку бугарските железници и со тоа работата, барем за Европа и Грција е решена. За пругата кон Бугарија не вреди ни да се говори, тоа е пред сѐ, политичка агонија на двете соседни држави и израз, како на нивната меѓународна немоќ, така и на сопствената политичка и кеш корупција.
Нашето министерство за надворешни работи плива во сопствената самодоволност, неспособност и заробеност во националистичките пориви на плебејскиот дел од општеството. Служат на размислата дека “нештата треба да се решаваат така, за никогаш да не бидат решени“. Ама и другите структури многу не ѝм помагаат, напротив!
Да биде поставен еден Иван Стоиљковиќ за министер за односи со заедниците во Македонија, е бласфемија за здравиот разум, но и за целата српска заедница кај нас. Толку ли српскиот народ во Македонија не можеше да испорача друга личност, прифатлива за сите заедници овде, туку го даде човекот кој геноцидот во Сребреница го нарекол „некрофилски Дизниленд“. Сега веќе стануваат јасни изјавите на некои челници во Србија дека тој ќе биде “надлежен за дисциплинирање на албанскиот фактор во Македонија, како и елемент за преразгледување на македонските позиции во однос на Сребреница“! Прилично тешка и обемна задача за личност зад која стои релативно мал електорат.
Што да се каже за неговата посета на Руската федерација, заедно со Милорад Додик и некои други личности, блиски до идејата за “прераспределување на силите со Западниот свет во полза на Русија“, посета остварена заедно со познатиот Александар Вулин и благослевена лично од Путин, со неговото обраќање на собирот. Додик го добивме како наследство од братските односи на Груевски со Вучиќ…тој, Вучиќ, ни го испрати Додик на чествувањето на 100 годишнината од Балканските војни. Тоа беше јавно понижување на Македонија и нас македонците. Не дојде Вучиќ, ами дојде некаков лидер на српска област во БиХ со амбиции да се отцепи и прави држава, да ни каже дека нѐ ослободил…Путинов миленик и протеже…
Американците никој не ги слуша што говорат. Тие самите, со својот меркантилизам и изолационизам, не оставија простор за внимание од земјите на источните деспотии, каде што се вбројуваше и СФРЈ. Сепак, полезно е да се потсетиме на интервјуто на Кристин Агелер, американската амбасадорка кај нас, во емисијата 360 Степени, која го изрази своето големо задоволство, речи си радост, дека Христијан Мицкоски, во својата заклетва ќе го споменел “Преспанското“ име на државата. Така и стана. Но, има еден дел од интервјуто, кое се однесува на сегашниот министер за односи со заедниците Иван Стиољковиќ, каде Агелер дословно вели: „Немав слушнато за личноста сè додека не слушнав за номинацијата пред некој ден. Никогаш не сум го запознала. Од тогаш, прочитав некои работи кои тој ги кажал. Сметам дека се шокантни и, искрено, за осуда… Се чини дека има долгa серија многу несреќни и навредливи забелешки, изјави и постови. Не ми изгледа дека оваа личност имала позиција на вистински авторитет, да носи одлуки, па затоа не сум во позиција, ние не сме во позиција да дадеме декларативна изјава во врска со тоа како би изгледала неговата позиција и исто така не знам што новата влада ќе дефинира како приоритети за тоа министерство“.
Никој не знае кои ќе бидат приоритетите на оваа Влада, оцртани од луѓе кои или немаат Сертификат за безбедност од НАТО и ЕУ, или имаат вистински блиски врски со Руската федерација. Во една по мала /македонска/ партија, постојат и личности со јасни антибугарски и антиалбански пројави и декларативни изјави. Сепак, барем нека ја направат пругата кон Бугарија, така ќе бидат најблизу до своите руски ментори.
Идната Комисија за заштита од дискриминација ќе треба да го сврти своето внимание за цели 180 степени и да почне објективно, без лични пристрасности, да ги разгледува појавите на дискриминација…едно треба да се знае, во оваа наша Македонија, македонците не се дискриминирани. Тие си го носат своето идеолошко и национално бреме, тие се самодискриминират и тоа треба да биде почетната точка за работа на фамозната Комисија.
Сепак, конечно, двете најважни и најсилни дами во Македонија ќе бидат среќни и задоволни: Кристин Агелер ќе биде среќна дека Мицкоски ја дал заклетвата со придавката Северна, а Гордана Давкова Силјановска ќе биде среќна дека никој не ја принудува да изговара Северна Македонија…
…и Америка не е она што беше некогаш… O tempora, o mores!