Со посетата на владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Софија постигнат е јасен исчекор во унапредувањето на дијалогот и довербата меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, соопштија од Влада на Фејсбук.
Во таков дух очекуваме да продолжат разговорите. Од огромна помош е португалскиот предлог кој содржи предлог решенија кои се добра основа за градење конечно решение коешто ги задоволува двете страни земајќи ги предвид грижите и на Северна Македонија и на Бугарија.
Владата е убедена дека решението е можно, а за да се обезбеди истото се вложуваат безрезервни напори бидејќи граѓаните очекуваат и бараат европска иднина за нашата земја.
Истовремено, јасни се македонските позиции за идентитетските линии, а тоа е дека нема и нема да има преговори за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик и тоа го знаат и го разбираат сите вклучени во процесот.
Јасно и категорично ги отфрламе како неточни и штетни информациите објавени во дел од медиумите во кои се спомнуваат некакви формулации за решенија. Таквите дезинформации имаат намера да му наштетат на процесот.