Во двете основни општински училишта во Крива Паланка во училишните клупи денес седнаа вкупно 118 првооделенци, од кои 69 во ООУ „Св. Јоаким Крчовски” и 49 во ООУ „Илинден”.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка присуствуваше на свеченостите по повод приемот на првачињата во двете основни училишта во градот, посакувајќи им среќен прв училиштен ден на сите ученици, успешна учебна година на сите, а особено на 118-те првачиња кои денеска првпат зачекорија во училиштата.

Митовски им посака добредојде на првачињата, дружба со книгите под водство на учителите, надополнета со дружбата во клупите со другарчињата да ги носи низ животот исполнет радост и креативност.

-Учете и радувајте се на секој ден – нека ве води желбата за нови знаења и напредок. Учителската професија е една од најблагородните, а наставниците се втори родители на дечињата. Посакувам да имаат добра работа, а учениците воља за усвојување нови знаења што ќе ги научат полесно да се справуваат со предизвиците на животот. Среќен прв училиштен ден, им порача Митовски.

Општина Крива Паланка за сите првачиња доделува еднократно по 3.000 денари, а годинава сите првачиња добија училишен ранец и прибор, донација од општествено одговорна компанија.