Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Во една прилика деновиве, се допишував со една другарка, инаку одличен познавач на правото, на тема судска власт. Сподели со мене неколку наоди и мислења за тоа како се практикува судската власт. Па вели:

„Не верувам дека е непознато ова. Само не ми е јасно зошто нема волја да се среди на ниво на држава. Имаме толку лоши оценки за судската власт! А има начини да се подобри…“

Во моментот кога тргнав да ѝ одговорам, таа додава:

„Значи, ете, и на мои 30 години, сѐ ште не ги разбирам високите политики.“

Тоа малку ме засрами, бидејќи јас имам 25 години повеќе (речиси двојно), но ѝ признав:

„Гледам и јас многу од тоа, но и мене не ми е сосем јасно. Иако имам 55 години“, ѝ одговорив.

Сепак, разбирањето и возраста се споредни во оваа кратка приказна.

„Не се градат и не се спроведуваат високи политики. Тоа е проблемот!“

Тоа го напишав, свесен дека отворив тема што не може да се смести во една куса белешка. Напротив, овде лежи бесконечно долг разговор и размена на мисли и искуства. И тоа светот го прави постојано. Конечен одговор нема, но со добра дебата во јавноста и во стручните и политичките кругови, постојано се бележи напредок. Каде што има навистина високи политики и стратегии, има шанси да се изгради достојна судска власт. И обратно.

Развиениот демократски свет, познат по владеењето на правото, ни оддалеку не е совршен. Но знае дека тоа што се случува во, со и околу судската власт е показател за тоа колку се почитуваат човековите права и слободи. Како функционираат државата и општеството…

Разликата меѓу тој свет и нашето мало дворче (државиче) е во тоа што ние не разговараме доволно, а камоли да работиме на решавање на проблемите. Не знаеме.

Превземено од Цивил Медиа