Индија денеска го регистрираше најголемото дневно зголемување на инфекции од коронавирус во последните пет месеци. Во изминатите 24 часа во земјата се потврдени 68.020 нови инфекции од коронавирус, соопшти Министерството за здравство. Британските медиуми наведуваат дека оваа бројка на заразени е најголема во текот на еден ден уште од 11 октомври.
Индија три дена по ред бележи бројки од над 60.000 нови случаи на заразени, но новиот број на инфекции е се уште помал отколку во септември кога имаше повеќе од 90.000 заразени дневно.
Вкупниот број на инфекции во оваа земја со население од над 1,1 милијарда лица од почетокот на пандемијата надмина 12 милиони, што ја прави трета најтешко погодена земја во светот, по САД и Бразил.
Некои експерти веруваат дека може да има и повеќе од 300 милиони заразени поради недоволниот број тестирања, иако ситуацијата во последно време малку се подобри.
Во Индија денеска се регистрирани уште 291 умрено лице, со што вкупната бројка сега изнесува повеќе од 160.000 лица.
Западната индиска држава Махараштра, во која се наоѓа финансискиот центар Мумбаи, денеска го постави својот дневен рекорд на новозаразени со 40.414 инфекции. Во оваа држава неделава се размислува за воведување строг локдаун. Таа веќе ги заостри патувањата и воведе ноќен полициски час.
Неколку држави ги ограничија собирите на хиндуистичкиот пролетен фестивал Холи и муслиманскиот празник Шаб-е-Барат, што ќе следуваат викендов.