Вирусот кој го предизвикува ковид-19 можел да се шири во Кина уште во октомври 2019 година, два месеци пред да биде идентификуван првиот случај во Вухан, тврдат британски научници.
Истражувачите од универзитетот во Кент, во студија објавена во научниот магазин ПЛОС Патоџенс, наведуваат дека вирусот можел да циркулира од почетокот на октомври до средината на ноември 2019 година, а дека првото заболување од ковид-19 веројатно се случило на 17 ноември, иако официјалните случаи се потврдени на почетокот на декември 2019 во кинески Вухан, пренесува Ројтерс.
Аналитичарите на податоците, предводени од Дејвид Робертс од британскиот Универзитет во Кент, го пресметале најверојатниот период кога вирусот можел да премине од животно на човек, врз основа на информациите за првите потврдени случаи во Кина и странство.
Тој модел сугерира дека вирусот низ светот се проширил уште во јануари, а калкулациите покажуваат дека првата зараза надвор од Кина можела да биде на 3 јануари во Јапонија.
Истиот став го имаат и научниците на Светската здравствена организација (СЗО) кои на почетокот на годината го истражуваа потеклото на вирусот во Кина, и кои наведоа дека е можно да имало спорадични инфекции на луѓе пред избивањето на епидемијата во Вухан.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.