Винска регата со чамци се реализира денеска по водите на Тиквешко Езеро, во организација на здружението на граѓани ,,Винотек” од Кавадарци, што се залага за промоција на производите од грозје и винскиот туризам во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата.
– Продолжуваме со активностите за промоција на тиквешкото вино кое е со извонреден квалитет од една страна и на Тиквешијата како најголем вински регион во државата кој вреди да се посети, од друга страна, рекоа од „Винотек”.
Тиквешкото Езеро е втора по големина вештачка акумулација во државата, долга триесетина километри. За да се исплови целата должина на езерото, потребни се околу четири часа во еден правец. Манастирот се наоѓа некаде на половината и до него се стигнува само по воден пат.
-Во рамките на регатата ќе има посета на Полошки манастир „Свети Ѓорѓија”. Обиколка, разгледување и запознавање со историјата на манастирот од страна на свештено лице. Ќе се посетат и Бегнишкиот залив и карпестата црква ,,Свети Лазар”.
Предвидени се и одмор и релаксација и капење во езерските води. Во план е и посета на споменикот на 12 Ваташки младинци, а ќе се разгледа и манастирот „Свети Никола” во Ваташа. Свечениот ручек е во манастирскте конаци, соопштија од Здружението.