Винарите да склучат договори со лозарите за откуп на винско грозје со одредена шеќерност, бараат од регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“, со седиште во Кавадарци.

Ова е само едно од барањата на кои укажуваат тие, во писмениот допис испратен до Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Tие бараат веднаш да се донесе закон со кој ќе се гарантира минималната откупна цена на винското грозје и тоа по шеќерни единици, за „вранец“ со 18 шеќерни единици 25 денари за килограм, а за „смедеревка“ со 16 шеќерни единици, 23 денари за килограм.

Меѓу барањата е и тоа, веднаш да се исплатат средствата за обесштетување од елементарната непогода од суша и временските неприлики за 2021 година, на сите лозари и овоштари од Кавадарци и Неготино.

– Бараме исплата на интервентната мерка од државата, на редовните субвенции до хектар за оддржување на лозовите и овошните насади, субвенциите над еден хектар, да се исплатат до 14 февруари. Бараме итна исплата на средства наменети за регистриран млад земјоделец, односно +20 проценти на редовните субвенции за 2022 и 2023 година, пишува во барањата.

Од Здружението исто така бараат информација за судбината на винарската визба „Повардарие“ од Неготино.