И по три месеци од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, жителите велат дека ништо не се променило. Секојдневно се собираат на местото на трагедијата, барајќи правда за загубените животи и за преживеаните што засекогаш ќе носат последици од онаа ноќ, се вели во репортажата на Бугарската национална телевизија, чија екипа ги посети настраданите од пожарот, кои се лечеа во бугарските болници во Софија, Пловдив и Варна, пренесува Трибуна.
Марија Коцева, една од најтешко повредените, преживеа 47 дена болничко лекување во „Пирогов“ во Софија, од кои 12 ги поминала во реанимација, интубирана. Денеска е дома и смета дека имала среќа што е жива, иако лицето и рацете ѝ останале со лузни.
„Цел ден стоев со врзани очи, не знаев дали некогаш повторно ќе гледам. Тоа беше најголемиот страв“, вели Марија.
Нејзиниот лекар, д-р Мартин Мартинов, објаснува дека имала тешки изгореници на сите четири клепачи и сериозен ризик да го загуби видот. По неколку реконструктивни операции, функцијата на очите е зачувана.
Со солзи во очите, мајката на Марија се сеќава:
„Од 16 март до 4 април не ја видов. Кога влегов во собата, само ме прегрна и рече: ‘Мамо, тука сум, добро сум’.“
Во болницата „Пирогов“ е и Марио, син на Љупчо Димитриев, кој преживеа 30% телесни изгореници и имал неколку операции.
„Тоа беше агонија, хаос и неизвесност. Но, кога ни рекоа дека веќе не е на респиратор и самостојно дише, тоа за нас беше победа. Благодарност до лекарите и до Бога“, раскажува Љубчо.
Весна, мајка на Павел, кој исто така е тешко повреден и лекуван во Софија, вели дека секој пат кога поминува покрај дискотеката, чувствува страв.
„Најголемиот страв во животот ми беше дека никогаш повеќе нема да ги видам децата. Тоа чекање – од ден за ден – беше ужасно“.
Во Кочани, Јован ја продолжува својата рехабилитација по три операции на двете раце. Сега, со помош на физиотерапевти, повторно ги користи рацете.
„Имав среќа што преживеав. Најважно ми беше дали ќе се вратам на нормалниот живот. Сега веќе работам со рацете“, раскажува тој.
Во болницата во Кочани пристигнуваат лекари од други градови за да помогнат во рехабилитацијата на над 50 повредени. Според д-р Никола Костадинов, најчести се повредите на рацете, вратот и рамениците.
„Рехабилитацијата трае и до две години. Главната цел ни е да ги вратиме пациентите во нормален живот. Благодарни сме на нашите колеги од Бугарија и на целиот бугарски народ за поддршката“, истакнува д-р Костадинов.
Проф. Маја Аргирова, началник на Клиниката за изгореници во „Пирогов“, додава:
„Првата недела беше најтешка. Не можевме да дадеме прогноза. Се работи за млади луѓе, некои сè уште во раст. Следењето ќе трае до две години, можни се и дополнителни дополнителни операции.“
Но, во оваа трагедија има и една важна лекција:
„Најважниот урок што го научивме е дека најбитно е да сме живи – и да сме заедно.“