Блокадите што ги организира ВМРО-ДПМНЕ имаат една причина, а причината е нетранспарентноста на власта и тајните преговори кој што двоецот Заев-Бучковски ги води со официјална Софија за сметка на интересите на Република Македонија, а поврзани со договорот за кој што Заев рече дека ги решил сите државни проблеми, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Очигледно е дека Заев лажел, Договорот со Бугарија не решил проблеми, туку создава нови проблеми и сега се бараат од Македонија нови отстапки и затоа сметаме дека не треба да се крие од јавноста што се преговара, туку да се соопшти на медиумите и на граѓаните кои се анексите кои што Софија инсистира да бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ“, потенцира Милошоски.
Истакнувајќи го својот став на прашањето како ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека МНР е отворено и дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или некој од опозицијата сака да се информира може да отиде во министерството и да добие информации за договорот, Милошоски рече дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи може во МНР да го покани Никола Димитров за да имаат подобра координација.
„Може да го покани Артан Груби или може да го покани Зоран Заев за да си разговараат за коалиционите работи, но како избран од Собранието на Република Македонија, министерот Османи законски има должност пред Собранието да се појави тој и на пратениците како народни избраници да им објасни за што тајно се преговара во Софија и кој го овластил Бучковски да преговара нови анекси на Договорот со Бугарија“, истакна Милошоски.