Поранешниот претседател на веќе заличениот Клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, најави дека ќе поднесе жалба во однос на пресудата на која беше осуден на една година условна казна со двегодишен испитен рок. Тој ова го соопшти во интервју за бугарската новинарка Милена Милотинова, во рамки на емисијата „Брисел 1“, јавува Трибуна.
„Властите во Република Северна Македонија испраќаат порака не само до мене, туку и до сите Бугари во земјата. Секој што јавно ќе се изјасни како Бугарин, ќе се соочи со вакви последици“, изјави Ѓоргиевски за Bulgaria ON AIR.
Тој додаде дека добива поддршка од македонските Бугари, но медиумите, како што рече, молчат и го игнорираат случајот.
„Не се плашам и нема да молчам. Во срцето го носам духот на нашите предци и гордоста што сум дел од народ што со векови го плаќал со крв правото да се нарекува Бугарин“, нагласи Ѓоргиевски.