Презедов општина со 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход, изјави ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовсски.

„На оваа последна прес конференција како градоначалник на општина Карпош сакам да им ги соопштам следните информации на жителите на Општина Карпош: На 4 ноември, 2021 година, кога стапив на функкцијата од мојот претходник наследив: 330 милиони денари блокирана сметка и уште една блокада од УЈП на 39 милиони денари, или вкупна блокада на 369 милиони денари Да потсетам, Буџетот на Општина Карпош во 2020 година бил 363 милиони, или толку биле вкупните приходи. На денешен ден, четири години и три дена потоа, оставам општина со: 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, судски пресуди кои уредно се сервисираат“, рече тој.

Јакимовски кажа дека до денес, Општина Карпош има приходи од 700 милиони денари, а до крајот на годината ќе има скоро 800 милиони денари.

„Или, сум презел општина со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход“, рече тој.

Јакимовски рече дека во моментот во Карпош се гради само една висококатница и два објекта во Момин Поток и три помали објекти од пет ката.

„За разлика од нас, има општини во кои во моментот се градат над 80 станбени згради повисоки од шест ката. Ова само покажува колку сме биле вешти во менаџирањето на приходите и како општина Карпош, со покачување на даночните приходи успеа да ја стабилизира општината и од истата да направи самоодржлив проект“, кажа тој.

Текстот (Видео) Јакимовски: Презедов општина со 6,5 милиони евра долг, а денес оставам општина со 13 милиони евра приход е превземен од МАКФАКС.