Општината Чучер Сандево прогласи вонредна состојба поради пожарите, објави градоначалникот појаснувајќи дека одлуката била донесена на денешната седница на општината.

Како што истакна градоначалникот Сашко Комненовиќ ситуацијата се уште е загрижувачка и опасна поради пожарот кој избувна помеѓу селата Блаце и Чучер Сандево, се до село Кучевиште.

„Ситуацијата е сериозна, динамична и бара постојано вклучување на сите расположиви ресурси. Пожарот зафати густа, нискостеблеста и мешана шума на многу непристапен терен“, вели тој.

Појаснува дека и силниот ветер го отежнува гаснењето на пожарот.

„Она што ме загрижува и што сакам да го алармирам е тоа дека забележувам спора реакција од надлежните институции во однос на гаснењето на пожарот. Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна”, рече тој.

Градоначалникот потсети дека вчера Владата презентираше некаква подготвеност за справување со пожарите со хермелините.

„Зошто досега не се употребени. Јас забележав само еден. Од вчера до сега се уште да не се стави под контрола пожарот кај Блаце и цело Чучер Сандево. Во моментов имаме три активни пожари. Аалрмирам на итна мобилизација. Како градоначалник на општината имам должност да се грижам за безбедноста на жителите“, потенцира тој.