За 18 милиони жители на американската сојузна држава Калифорнија издадено е предупредување за екстремно ниски температури, додека во десетици окрузи е прогласена вонредна состојба поради последиците од серијата зимски бури што ја покрија државата со снег.

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом прогласи вонредна состојба во 13 окрузи за да се забрза работата на спасувачите и другите даватели на помош.

„Државата ангажира и приватни компании да го забрзаат расчистувањето на снегот од критичната патна инфраструктура. Во координација со голем број служби, работиме на тоа да овозможиме снабдување со електрична енергија онаму каде што ја нема поради врнежите“, соопштуваат од Канцеларијата гувернерот.

Во некои области наносите од снег се повисоки од три метри.

Во планините на округот Сан Бернардино, многу жители се заглавени во своите домови поради огромното количество снег. Округот воспостави телефонска линија за жителите кои се соочуваат со замрзнати цевки, преоптоварени покриви и недостаток на храна.

На социјалните мрежи се шират видеа и фотографии од невремето, но и од тоа како жителите прават тунели во снегот за да можат да излезат од домовите.

Прикажи повеќе