Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција во Собранието, во име на Клубот на жените пратенички, повика на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените.
Тренчевска посочи дека Клубот на пратеничките едногласно ги поддржа измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот првпат се препознава и третира како кривично дело.
„Бараме од надлежните институции да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот. Бараме од судските органи да ги имаат предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик, кои се усогласени со неа“, изјави Тренчевска.
Реакцијата доаѓа по двојното убиство во Велес, како и зачестените насилства врз жените што се случија во државата.
„Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, рече Тренчевска.
Во своето обраќање таа посочи дека насилството врз жените мора да биде јавно осудено и институционално санкционирано.
„Ние, жените од парламентот, едногласно, остро и силно ги осудуваме зачестените случаи не само на свирепо насилство туку и на фемицид. Ова реакција на Клубот на жените пратенички сакаме да допре до сите граѓани и до сите институции во државата со цел ефикасна превенција, заштита и спречување на насилството врз жените“, изјави Тренчевска.