Службената влада на Димитар Главчев ја предаде власта на новоизбраниот премиер Росен Желјазков и на членовите на новата бугарска влада, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

125 народни пратеници во бугарскиот парламент денеска ја избраа новата редовна влада на Бугарија формирана со мандатот на ГЕРБ-СДС. Истата ги вклучува БСП-Обединета левица и партијата „Има таков народ“, со поддршка на „Демократија, права и слободи“-ДПС. Против кабинетот „Желјазков“ гласаа 114 пратеници од пратеничките групи ПП-ДБ, ДПС-Нов почеток, Преродба и МЕЧ.

„Нашето полноправно членство во Шенген беше извонреден успех, очекуваме во рок од неколку дена да биде објавено дека ги исполнуваме критериумите за еврозоната. Господине Желјазков, добро ве познавам и знам дека ќе продолжите со истото темпо. Редовната влада е јасен знак дека излегуваме од политичката криза Ви посакувам успех од се срце“, рече Димитар Главчев на свеченоста што се одржа на „Дондуков“ 1.

„Оваа церемонија го покажува континуитетот на државното управување. Направивме големи напори да добиеме широка парламентарна поддршка. Нашиот коалициски договор е залог за подготовка на програма за управување со конкретни приоритети“, рече новоизбраниот премиер. Росен Желјазков.

Уште за време на претставувањето на владиниот состав пред претседателот Румен Радев, Желјазков упати барање во рок од еден месец да биде претставена програмата за управување на кабинетот, а хоризонтот што го поставија е целосен мандат.

„Да внесеме доверба и да ја мотивираме државната администрација. Не очекуваме толеранција. Наша задача е да ја впрегнеме државната машина со добра синхронизација за спроведување на нашата програма. Од нас се очекува да ги стабилизираме и балансираме државните финансии. За нас е важно владата да ја оправда нашата позиција како членка на НАТО и ЕУ, ќе продолжиме со оваа политика“, рече премиерот.

Тој му честиташе на Главчев за достојното исполнување на обврските во средина без поддршка.

„Од денеска нашата влада ќе се зафати со работа и нема да очекуваме толеранција“, додаде Желјазков.