Во понеделникот во „360 степени“ гостуваше претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети. Зборуваше, пред се, на политички теми, но доби и вакво прашање:

– Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?

„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на 18 септември 2023 година.

Зошто му го поставивме ова прашање на Али Ахмети и кој е Ерџан Сулкоски?

Денот бил 11 јануари 2022 година кога две лица склучиле договор за основање на фирмата „К.С.А. Интернатионал“ во Република Северна Македонија.

Името на едниот содружник е Куштрим Смајлај, во тој момент, германски државјанин со привремен престој во Зајас. Во документите од Централниот регистар не пишува дека истиот Куштрим Смајлај е зет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сопруг на неговата ќерка Ускана.

Вториот содружник во компанијата „К.С.А. Интернатионал“ е Ерџан Сулкоски, македонски државјанин со адреса на живеење во Кичево.

Според податоците од Централниот регистар, веќе во првата година од работењето, фирмата на зетот на Ахмети и неговиот партнер направила приходи од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони евра.

Али Ахмети, претседател на ДУИ, фото: 360 степени

– Ќе се согласите, ова е добар старт-ап. Куштрим Смајлај можеби може да предава на некоја академија за старт-ап?

„Јас не ги знам конкретните податоци“,

– Куштрим го знаете?

„Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин“, одговори Али Ахмети во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 18 септември 2023 година.

Мислењето на Ахмети дека неговиот зет е партнер во „К.С.А. Интернатионал“ со многу други компании, не е точен, бидејќи негов единствен компањон досега бил Ерџан Сулкоски. Велиме досега бил, затоа што Сулкоски му го продал својот удел на Куштрим Смајлај во август годинава, за само 2 500 евра – колку што му бил основачкиот влог.

Не помалку интересно е тоа што кога Сулкоски и Смајлај ја регистрирале фирмата, за седиште ја избрале адресата „Партизански одреди“ број 102 во Скопје.

Зградата на бул. Партизански одреди бр. 102 каде се наоѓа седиштето на „К.С.А. Интернатионал“

На локацијата има станбена зграда со повеќе станови и локали. Случајно или не, дел од нив се во сопственост на фирмата „Пуцко Петрол“ или семејството Јахоски. Случајно или не, на „Пуцко Петрол“ и семејството Јахоски е и бензинската пумпа веднаш до зградата на Партизанска бр. 102. Тоа е истото семејство Јахоски на пратеникот од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.

А Исмаил Јахоски го знаете?

Исмаил Јахоски го познавам, тој е пратеник на ДУИ“,

– Може да го прашате него и за Ерџан Сулкоски, а и Куштрим може да го прашате.

„Ќе ги прашам, ме направивте љубопитен, навистина не го знам (Сулкоски н.з.)“, изјави Али Ахмети за „360 степени“.

Но, партнерството со зетот на Ахмети не е единствениот бизнис во кој влегол Ерџан Сулкоски во 2022 година. Во август таа година, односно осум месеци откако почнал бизнис со Куштрим Смајлај, влегол и во компанијата „РКМ“, која до тој момент е во 100% сопственост на Ратко Капушевски.

факсимил од промената на Актот за основање на РКМ, по влезот на Ерџан Сулкоски во компанијата

Не само што влегол во „РКМ“, туку и станал доминантен сопственик со 65% и тоа со влог од околу 24 000 евра во основната главнина.

Сето ова се случува неколку месеци откако РКМ добива два тендера за набавка на мазут за потребите на Електрани на Северна Македонија од вкупно 112 милиони евра.

Што значел тој тендер за „РКМ“, покажува историјата на финансиски податоци на фирмата.

Дел од финансиските резултати од работењето на РКЕ (2018-2022 година)

Во 2018 година, „РКМ“ е компанија со приходи од околу 67 000 евра. Следната година расте на приходи од околу 800 000 евра, па на околу еден милион, па на близу 8,5 милиони евра – за лани да забележи вртоглав раст на приходите од 110 милиони евра.

Ако се погледне профитот, пак, „РКМ“ во 2018 година имала профит од околу 50 000 евра што и бил најдобар резултат се до 2021 година, кога профитот се искачил на 220 000 евра. Лани, добивката скокнала на 6,2 милиони евра.

Или, додека зетот на Ахмети е бизнис-партнер со Ерџан Сулкоски и прави профит од 2,5 милиони евра во првата година од работењето во фирмата „К.С.М. Интернационал“ – 2022-ра, истиот Сулкоски влегува како мнозински сопственик во фирмата „РКМ“ за мали пари во истата 2022 година кога „РКМ“ прави профит од 6,2 милиони евра, поради претходно обезбеден тендер за државните електрани тежок 112 милиони евра.

– Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?

„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на 18 септември 2023 година.

„360 степени“ испрати прашање до Демократската унија за интеграција – дали Али Ахмети се распрашал за Сулкоски и кој е неговиот став за поврзаноста на бизнисменот со неговиот зет.

Пративме прашања и до Ерџан Сулкоски преку компанијата РКМ – како успеал со влог од само 24 000 евра да стекне 65% од сопственоста на компанија која имала обезбеден бизнис од 110 милиони евра и сосема очекувано, ја завршила годината со милионски профит.