Секојдневно гледаме и слушаме како наши сограѓани собираат донации за лекување во странство за болни деца, родители или роднини. Десетина секоја година остануваат со трајни последици, а дел од нив за жал и ги губат животите затоа што нема пари за нивно лекување, а нема пари затоа што Фондот за здравствено осигурување очигледно има други приоритети, истакна Игор Здравковски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-На 20-ти мај оваа година, пред неполни пет дена ФЗОМ, каде директор е Стево Крстевски, претседател на ОО на СДСМ Велес и член на ЦО на партијата набавил две нови луксузни лимузини од производителот Форд од моделот „Мондео титаниум“. Двете лимузини ја чинат државата, односно ФЗОМ 82.600 евра, односно 41.300 евра по возило. Ова е приближно колку цената за две нови амбулантни возила, но наместо возила за брза помош приоритет на Крстевски се луксузните лимузини, за него и за неговиот колега Фатон Ахмети. Драги велешани, но и граѓани на цела Република Македонија, треба да знаете кога ФЗОМ ве одбива за покривање на трошокот на вашите операции или третмани во странство за вашите најмили кои можеби тоа им е единствена шанса за да продолжат со животот, тие имаат друга поитна потреба, а тоа е набавка на луксузни лимузини, подвлекува тој
-И додека вие почитувани лекари одите по планини и на раце ги носите пациентите за да го однесете во најблиската амбуланта и да го спасите неговиот живот, треба да знаете дека нема возила затоа што ФЗОМ и Стево Крстевски решија 82.600 евра наместо за амбулантни возила да ги потрошат за набавка на луксузни лимузини. А, вие драги сограѓани, кои се уште сте невакцинирани, и се прашувате зошто на 25-ти мај сеуште нема вакцини треба да знаете дека луѓето задолжени за секторот здравство прават се само не тоа што им е работа. Оваа неодговорност треба да запре, и за ова бараме одговорност. Бараме веднаш да се поништи договорот и да не се трошат 82.600 евра за луксуз, туку да се пренаменат за купување на амбулантни возила и реалните потреби на народот.