Заврши времето на како досега, кога неправдата и криминалот остануваа неказнети и ве уверувам дека никој во иднина нема да го краде македонскиот народ без притоа да одговара пред истиот. Ова го порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во новогодишното обраќање до граѓаните.
„Во текот на изминатава година, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации и заедно постигнавме значајни успеси. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе нарушување на достоинството на никого, на ниеден граѓанин. Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и модернизација на услугите и процесите со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет“, вели Тошковски.
Понатаму наведе дека делата и бројките што ги оствариле самите говорат за нивната одлучност во борбата со криминалот и корупцијата кои го разоруваат општеството и ја нарушуваат благосостојбата на граѓаните.
„Нашата порака е јасна. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе биде изведен пред лицето на правдата, а секој еден украден денар ќе биде вратен во буџетот на граѓаните. Во новата 2025 година, на прагот на новите надежи и новите цели, искрено посакувам сите заедно посветено да работиме на обезбедување на мир, стабилност и просперитет. Да изградиме систем кој ќе гарантира поголема сигурност, правичност и транспарентност за секој граѓанин да се чувствува вреден и заштитен. И можеби најважно од се, да почнеме да ги почитуваме и имплементираме цивилизациските вредности кон кои се стремиме.
Да продолжиме да бидеме горди на нашето културно и историско наследство, македонската култура, македонскиот јазик и сите обележја на македонскиот идентитет со кој се прикажуваме пред големото европско семејство и пред целиот свет. Само така, почитувајќи ги и прифаќајќи ги сите различности, едни на други ќе овозможиме напредок и благосостојба на сегашните, но и идните генерации.
Драги македонски граѓани, драги Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и сите граѓани на нашата Македонија, убаво да ги поминете новогодишните празници и од срце ви посакувам мир, здравје и благосостојба на вас и вашите најблиски. Нека ви е среќна нова 2025 година!“, порача Тошковски.