Во Кочани и денеска семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ излегоа на протестен марш.

Маршот се одвиваше под мотото „Задоцнета реакција“.

Граѓаните, симболично, тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, за да го искажат незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Колоната помина пред Трговскиот центар кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат. Продолжија пред Полициската станица, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.

Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично.

Присутните најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.