Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Париз разговарал за сите стратешки прашања за соработка меѓу двете земји и најави дека наскоро ќе биде потпишан комерцијален договор со француската компанија „Алстом“ за изградба на првата линија на белградското метро.

Претседателите на двете земји се сретнаа во Елисејската палата. Припадници на француската гарда присуствуваа на свечениот прием пред палатата, а Макрон приреди и работна вечера за Вучиќ.

Во своето обраќање до медиумите, Вучиќ нагласи дека ова е исклучително важна и суштинска средба со Макрон и дека разговарале за сите важни геополитички, регионални и билатерални прашања, како и за европскиот пат на Србија.

„До 15 декември конечно ќе потпишеме комерцијален договор за изградба на првата линија на метрото со француската компанија „Алстом“, значи следниот месец. Ја завршуваме таа работа или влегуваме во последната фаза, така што за две и пол години ќе ја имаме првата линија на метрото – две и пол, три, не е важно – но Белград конечно добива метро“, рече Вучиќ.

Вучиќ изјави дека е многу задоволен што имал можност да разговара три часа со претседателот на Франција, кого го смета за еден од клучните светски лидери. Тој изјави дека разговарале за стратешки важни прашања и планови за следниот период.

„Ќе ми треба малку време детално да анализирам сè и да ги разгледам забелешките. Секако, една од главните теми беше европскиот пат на Србија. Убеден сум дека во следната година можеме да постигнеме значителен напредок. Многу зависи од нас, но очекувам и поволен став од ЕУ што би ѝ овозможил на Србија да напредува. Исто така, се осврнавме на сите билатерални прашања“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека трговијата меѓу Србија и Франција за прв пат оваа година ќе надмине две милијарди евра.

„Разговаравме за различни области, заеднички инвестиции, француски инвестиции во Србија, како и соработка во областа на вештачката интелигенција“, додаде тој.

Вучиќ изјави дека го информирал Макрон за моменталната состојба во врска со НИС и изјави дека српската делегација ќе има средби со Американците по тој повод во петок.

„Имаме состанок со Американците, се надевам дека тогаш ќе се знае нешто повеќе и дека ќе можеме да го решиме тоа“, рече Вучиќ.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Вучиќ по средбата со Макрон: Белград конечно добива метро е превземен од МАКФАКС.