На вториот ден од неговата официјална посета на Австралија, британскиот крал Чарлс III се соочи со непријатност веднаш по завршувањето на својот говор во австралискиот парламент.

Лидија Торп, сенаторка од Абориџините од Австралија јавно го критикуваше кралот, а сега се појави и видео од овој настан.

„Ова не е ваша земја! Ти не си мој крал! Вратете ни ја државата! Вратете ни го тоа што ни го украдовте! Нашите коски, нашите черепи, нашите бебиња, нашите луѓе! Ти не си мој крал! Ја уништивте нашата земја“, извикала Торп облечена во традиционална облека на Абориџините.

Обезбедувањето морало да интервенира и да ја спречи да се приближи до кралот, по што била изведена надвор од салата за Чарлс да продолжи со разговорите со австралискиот премиер Ентони Албаниси.

Скај њуз објави дека Торп е првата Абориџина од државата Викторија која станала сенатор, а кога положила заклетва во австралискиот парламент, одбила да се заколне на верност на тогашната британска кралица Елизабета Втора, мајка на Чарлс.