„Менк“ води со најмногу номинации – дури десет, а за првпат во историјата две жени беа номинирани во категоријата најдобар режисер во истата година.

Американската академија за филмски уметности и науки го објави списокот на главните номинации за Оскар што ќе бидат доделени на 93. церемонија на 25 април, во Лос Анџелес. Номинациите за најпрестижната филмска награда во име на Академијата ги објавија актерката Пријанка Чопра и музичарот Ник Џонас, кои се сопружници.

Филмот „Менк“ на Дејвид Финчер, со Гери Олдман, стана фаворит за престижниот Оскар, бидејќи освои најмногу, 10 номинации за таа филмска награда, соопшти завчера Академијата за филмски уметности и науки.

„Менк“ беше номиниран, меѓу другото, за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра женска споредна улога, како и за многу технички категории.

Ова остварување е номинирано за најдобар филм, заедно со „Татко“, „Јуда и црниот месија“, „Минари“, „Земја на номадите“, „Млада жена што ветува“, „Звукот на металот“ и „Судскиот процес за Чикаго 7“. Повеќето филмови добија по шест номинации.

За најдобра режија ќе се натпреваруваат Клое Жао за „Земја на номадите“, Дејвид Финчер за „Мен“, Ли Ајсак Чунг за „Минари“, Емералд Фенел за „Млада жена што ветува“ и Томас Винтерберг за „Пијан“. Оваа година за првпат две жени се номинирани во категорија најдобар режисер.

Риз Ахмед, Чедвик Боузман, Ентони Хопкинс, Гери Олдман и Стивен Јеун се номинирани за најдобра машка улога, а Вајола Дејвис, Андра Деј, Ванеса Кирби, Френсис Мекдорманд и Кери Малиган ќе се борат за Оскар за најдобра женска улога.

Приказната за геноцидот во Сребреница „Кво вадис, Аида?“ на режисерката Јасмила Жбаниќ ѝ донесе номинација на БиХ за странски филм, категорија во која силен кандидат е данскиот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.

Церемонијата на Оскар, одложена за 25 април годинава поради епидемијата на коронавирус, ќе се пренесува во живо од повеќе локации, вклучително и од Холивуд.

Оваа година церемонијата ќе ја води режисерот Стивен Содерберг, кој рече дека епидемијата на коронавирусот дава можност за иновации.

Неколку интересни факти за годинешните Оскари

Во зависност од тоа кого ќе прашате, Глен Клоуз (73) е најдобрата или најлошата актерка изминатата година, според последните две номинации. Легендарната актерка во понеделникот ја заслужи својата осма номинација за Оскар за споредна женска улога во филмот на „Нетфликс“ „Горштачка елегија“. И покрај претходните седум номинации, меѓу кои и оние за филмските класици „Фатална привлечност“ и „Опасни врски“, Клоуз сѐ уште го нема Оскарот. Но, истовремено, таа е номинирана и со „Златна малина“ за најлоша споредна улога во истиот филм.

Вајола Дејвис ја заработи четвртата номинација за Оскар во понеделникот. Ова дополнително го продолжува владеењето на Дејвис како најноминирана црна актерка досега на Оскарите.
Бугарија првпат има номинација за Оскар, благодарение на ѕвездата на „Борат 2“, Марија Бакалова.